|
Последен поздрав за принцот со ангелски глас
17. октомври 2007.- Тоше Проески - идолот, иконата, амбасадорот на Македонија, принцот со ангелски глас и хуманист попладнево со државни и верски почести е погребан на Градските гробишта во неговото родно Крушево. Солзите на сите кои дојдоа да се збогуваат со Тоше и беспомоните лелеци на неговите најблиски не ја омекнаа реалноста. Тоше се врати во своето Крушево - засекогаш. Почесната армиска гарда му го предаде знамето од ковчегот на Тоше на неговиот татко Никола. Во чест на Тоше беа испукани три плотуни. Пред ковчегот со неговите посмртни останки се поклонија претседателот Бранко Црвенковски, премиерот Никола Груевски, претседателот на Собранието Љубиша Георгиевски. Присутни се членови на Владата, пратеници, архиепископот г.г. Стефан и владиците Петар и Ангелариј, претставници на дипломатскиот кор меѓу кои амбасадорката на САД Џилијан Миловановиќ, евроамбасадорот Ерван Фуере, делегации на АРМ, на политички партии, на локалните самуправи на Крушево и на Скопје. Последна почтит му оддадоа и претставници на македонската музичка сцена, соработници-композитори и естрадни имиња од соседството - Аки Ракимовски, Тони Цетински, Светлана Цеца Ражњатовиќ, Владо Георгиев... и сите за кои пееше Тоше кој токму оваа година одбележуваше 10 години од својата плодна музичка кариера. Ковчегот со посмртните останки на македонската музичка ѕвезда Тоше Проески изутрината од неговиот дом беше пренесен во црквата Пресвета Богородица во Крушево каде што се одржа црковен обред, а крушевчани и граѓани од многу други градови во Македонија и надвор од неа му оддадоа почит. Со посмртни звуци на Воениот оркестар и со марш на почесниот вод на Армијата на Република Македонија ковчегот на Тоше беше донесен на Гумење пред Македониумот. Расплакани лица на граѓани, деца со венци и многубројни делегации се поклонуваа пред посмртните останки на Тоше. Семејството, најблиските, роднините и пријателите потресени и со неверување ја допираа сликата на Тоше и неговиот ковчег прекриен со државното знаме. Во Македониумот се одржа и комеморативна седница. Посмртните останки на Тоше со хеликоптер на АРМ синоќа беа пренесени во Македонија. Веднаш по пристигнувањето на Скопскиот аеродром ковчегот со телото, беше префрлен на лафет и со возило испратен во неговиот дом во Крушево, според желбата на неговото семејство. По повод погребот на Тоше Проески, Владата денешниот ден го прогласи за Ден на жалост, а на вчерашната седница постхумно го прогласи за заслужен граѓанин на Република Македонија. Македонската мега-ѕвезда Тоше Проески загина во сообраќајна несреќа на автопатот Загреб - Липовац, кај местото Нова Градишка во Хрватска. Неговите сопатници Лилјана Петровиќ и Ѓорѓе Ѓорѓевски се здобија со телесни повреди. Кај Лилјана Петровиќ, која е негов менаџер констатирани се лесни повреди по што таа е пуштена од болницата, а на лекување е задржан возачот Ѓорѓевски, кој има повреди на главата, но е вон животна опасност. Несреќата се случила кога автомобилот марка фолксваген Туарег со македонски регистарски таблички, управуван од 32-годишниот државјанин на Македонија Ѓорѓевски удрил со предниот дел во страничниот лев дел на полуприколка на товарно возило со италијански регистарски таблички, по што дошло до занесување на Туарег-от и удар во заштитната средишна ограда. Тоше Проески е роден на 25 јануари 1981 во Крушево. Музичка кариера ја започна со настапот на Мелфест во 1997 година. Патот кон ѕвездите му го отвораат песните Пушти ме (1997) и Остани до крај (1998). Тој беше претставник на Република Македонија за песна на Евровизија во 2004 година во Истанбул, Турција и го освои 14-то место со песната Life. Во 2004 година, Проески беше именуван за регионален Амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ. По тој повод ја издава песната За овој свет. Со песната Чија си во 2003 година Тоше победи на белградскиот музички фестивал Беовизија. Тој ги објави албумите Некаде во ноќта (1999), Синот Божји“ (2000), Ако ме погледнеш во очи (2003), Ако ме погледаш у очи- верзија на српски јазик (2003) Ден за нас (2004), Дан за нас - верзија на српски јазик (2004), По тебе (2005), Пратим те - верзија на српски јазик (2005), Божилак (2006), Игри без граници (2007) и Игре без границе - хрватска верзија (2007). Сингловите од албумот Игри без граници веќе неколку месеци се наоѓаат на највисоките места на музичките топ-листи во Хрватска, Македонија, Србија, Црна Гора, Словенија и Босна и Херцеговина. Неговото издание Божилак е компилација од 14 избрани традиционални македонски песни. Објавени се и DVD-изданија на негови концерти во 2004 и 2006 година. Тоше ги привршуваше студиите на Музичката академија во Скопје и работеше на музичката кариера во светски рамки. Последниот концерт во Македонија го одржа на 5-ти овој месец на Градскиот стадион во Скопје. Концертот беше хуманитарен и наменет за обнова на основните училишта во земјава.
|
|
|
|
|
|